- Eft

- Reiki

- Pranic Healing

Бачовите цветни есенции

  Овој едноставен, но многу моќен систем на лечење, со кој многу успешно се враќа благосостојбата и здравјето, бил развиен од страна на д-р Едвард Бач (Edward Bach) во триесеттите години од минатиот век. Д-р Бач сметал дека во природата се наоѓа лек за секој проблем со кој се соочуваме. Затоа, тој го развил системот од 38 цветни есенции соодветни за лекување на различни видови на емоции, кои воедно придонесуваат за подобрување на психичката и телесната состојба на поединецот.

  Овој систем се базира врз меѓусебната поврзаност на телото, умот и емоциите и нивниот ефект врз севкупната здравствена состојба, вклучувајќи ги и телесните болести. Д-р Бач дошол до заклучок дека „Умот, како најделикатен и најчувствителен дел од телото, најпрецизно го покажува налетот и текот на болеста, така што неговата состојба се зема како водич при одбирање на лекот или на лековите што се потребни. За време на болеста се јавува промена на вообичаеното секојдневно расположение, кое добар набљудувач може да го забележи пред (а понекогаш и долго пред) да се појави болеста, при што навремениот третман би го спречил нејзиното појавување. Дури и кога болеста е веќе присутна одреден временски период, расположението на болниот повторно ќе укаже на точниот лек.“ (д-р Едвард Бач, „Дванаесетте лечители“, издание од 1941 год.)

  Суштината е дека преку следење и анализа на состојбата на умот и на емоциите, како и на погледот на светот на поединецот, гледани како симптоми кои се појавуваат на површината, може да се одреди кои цветни есенции треба да се земаат и со тоа нежно да му се даде подршка на поединецот низ процесот на закрепнување. Многу е важно да се нагласи дека закрепнувањето или исцелувањето не значи само отсуство на болест. Тоа има и длабоки последици врз разбирањето на причините на страдањето и води кон повторно откривање на нашата вистинска природа, што пак има пресудна улога во зачувувањето на здравјето и рамнотежата.

  38-те Бачови цветни есенции се подготвуваат од цветовите на различни диви билки и дрвја. Бидејќи се подготвуваат на посебен начин, тие претставуваат вибрациски есенции и функционираат на многу суптилно ниво. При третманот не постои генерализација - секоја личност се третира како посебен, единствен случај, без оглед на тоа дали постои вообичаен симптом или болест. Тоа што личноста се третира како една целина му дозволува на практикантот да ги открие најдлабоките извори и суштинските причини поради кои се појавило нарушувањето и да биде многу успешен во ослободувањето на патот кон здравјето.

  38-те есенции се поделени во 7 поголеми групи. Секоја група е поврзана со конкретна емоција, па еве ги:

·     за страв

·     за несигурност

·     за недоволен интерес за сегашните околности

·     за осаменост

·     за пречувствителност на влијанија и идеи

·     за малодушност и очај

·     за прекумерна грижа за добросостојбата на другите

  Лековите можат да се земаат превентивно за да се спречи развојот на понатамошни проблеми со здравјето, или за време на конкретното нарушување (стрес, немир, шок итн.) или болест. Тие се природни и безбедни, немаат несакани последици и не создаваат зависност, што ги прави погодни за сите, вклучувајќи ги и растенијата и животните. Можат да се земаат одделно, или заедно со различни медицински или алтернативни методи на лечење.

  Учењето за Бачовите цветни лекови не бара претходно знаење и секој може да ги користи. Д-р Едвард Бач го замислил овој систем за лечење како едноставен, лесен и слободен за користење, присутен во секое домаќинство за луѓето да можат самите да си помогнат.

  На крајот на овој вовед, ви предлагаме да прочитате уште еден краток цитат од д-р Едвард Бач, бидејќи неговата мудрост може да нè замисли, може да ни го покаже патот кон разбирањето и исто така да ни даде храброст да ѕирнеме низ вратите кон нашето вистинско јас и да се потрудиме да се промениме на подобро...

  „Бидејќи билките ги лекуваат нашите стравови, вознемиреноста, грижите, нашите грешки и неуспеси, нив треба да ги пронајдеме, и притоа болеста, без оглед каква и да е, ќе нe напушти. [...] Според тоа, зад секоја болест се кријат нашите стравови, вознемиреноста, нашата алчност, нашите желби и одбивните работи. Ајде да ги пронајдеме и да ги излекуваме, а со нив ќе исчезнат и болестите од кои страдаме. [...] При третирањето со овие лековити билки не се обрнува внимание на природата и на видот на болеста. Се третира личноста, така што болеста исчезнува со нејзиното подобрување, отфрлена поради подобрувањето на општата здравствена состојба. Познато е дека иста болест може да има различни ефекти кај различни луѓе; она што треба да се третира е ефектот, бидејќи тој ќе нe одведе до вистинската причина.“

- Д-р Едвард Бач